Водопадите на езерото Градче - Општина Кочани

Водопади

Вештачкото езеро „Градче“ е сместено во подножјето на Осоговските Планини во извонредно живописна клисура, со мошне атрактивна околина и се наоѓа на околу 6 km северно од градот Кочани. Ова место е полн погодок кога се работи за одмор и пронаоѓање на мир и спокој од секојдневната градска бучава и напорен живот кој е составен дел од секојдневието. Шест километри возење низ природата северно од градот на оризот ве делат од малиот рај на земјата.

Овој предел, со оглед на фактот што е далеку од градот се карактеризира со мир, свеж воздух и прекрасна природа. Во околината на езерото постојат над 30 природни извори на вода.

Интересен податок е што на територијата на сегашното вештачко езеро, некаде пред педесетина години се наоѓало селото Долно Градче, но тогашните власти со цел да го заштитат Кочани од постојаните поплави од надојдените води од Осоговијата решиле да изградат брана на местото наречено „Рамна карпа“ кое се наоѓало веднаш под селото и било идеално.

Сите жители на селото биле раселени, некои во околните села, некои во градот Кочани. Во близина на браната се наоѓа и археолошкиот локалитет „Долно Градиште“, за кој археолозите наведуваат дека градбите во склоп на наоѓалиштето водат потекло од времето на Пајонија и Македонија од времето на Филип Втори. На самиот мост на браната се наоѓа споменик - плоча во чест на изградба на браната. Со мостот лесно се преминува од едниот на другиот брег.

Езерото е со должина од 3 km, широко е околу 2,5 km, а по патеките кои се наоѓаат околу него, може да се заобиколи целото езеро. Во функција на посетителите, на западниот брег на езерото се наоѓа хотелот „Градче“ кој има прекрасен поглед на езерото и на природата околу него, а близу хотелот, на самата брана на вештачкото езеро се наоѓа и стариот мотел со прекрасна тараса која е само неколку метри над нивото на водата.

Доста интересен е големиот водопад, кој настанал на чуден начин. Имено, во 1958 година била изградена помошна брана од камени блокови чија функција била да спречи нагло

надоаѓање на вода кон местото „Рамна скала“, каде што се градела денешната брана. Од надојдените гранки, камења и земја, помошната брана почнала да се полни со почва, па така со текот на годините се создал прекрасен водопад со висина од дванаесеттина метри од водите на Голема река, од каде овие води се слеваат во вештачкото езеро. Водопадот е оддалечен од хотелот нешто повеќе од 1 km, но со следење на патоказите поставени на патот кој води до водопадот, лесно се стигнува до него.

Локалитетот е значаен од ботанички и фаунистички аспект. Тој е единствен локалитет на Осоговските Планини каде се среќава растението Festucathracicassp.violaoceosordidavar.osogovoensis - ендемичен вариетет. Во ова подрачје се опфатени крајречни шуми, како и силикатни карпи на кои се развива специфична хaзмофитска вегетација со Sempervivumsp и други видови растенија. Речните живеалишта се значајни за вилинските коњчиња Cordulegasterheros, Ophiogomphuscecilia и Calliaeschnamicrostigma. Локалитетот е значаен од херпетолошки аспект, заради присуство на некои медитерански видови.

 

Околу езерото има бројни патеки за љубителите на пешачењето и велосипедизмот, а исто така езерото нуди и совршени услови за риболов. Населението од Кочани и околните места, во текот на летниот период, езерото и околната природа ги користат за излети и за рекреација, а за денот на трудот, местото е преплавено и од туристи.

 

Здружението „ОПШТИНСКИ СПОРТСКИ АКТИВ КОЧАНИ“ (ОСА-КОЧАНИ) е добитник на проектот - „Промоција на природните вредности и биолошката разновидност на Водопадите на Езерото-Градче“, преку Програмата за зачувување на природата во Македонија.

 

Програмата за зачувување на природата во Македонија, е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и е наменета за поддршка на активности за зачувување на природата и локалниот развој на Брегалничкиот регион. Програмата поддржува исто така и интервенции на национално ниво кои се очекува да имаат влијание врз зачувувањето на биодиверзитетот и природата воопшто.

 

Проектната идеја е насочена кон подобрување на капацитетите на локалните засегнати страни за зачувување на природата и одржливо користење на природните ресурси во Брегалничкиот регион, подигање на свеста за зачувување на природата и промоција за одржливо управување со природните ресурси.

 

Главна цел на проектот е заштита на биолошката разновидност и природата низ промоција и одржливо користење на водопадите на езерото Градче.

 

Со проектот „Промоција на природните вредности и биолошката разновидност на Водопадите на Езерото - Градче,, и нивната непосредна околина ќе се обезбеди:

 

  • Добра пристапност до самите водопади и нивната непосредна околина која ќе се овозможи со расчистување на пристапниот пат од ниско  стеблести дрвја, грмушки, камења, по течението на реката собирање на паднатите дрвја, импровизирани скали и ограда кај самиот водопад итн.
  • Поставување информативни табли (2 големи информативни табли и 2 мали патокази) со поставување на таблите и патоказите ќе се овозможи информираност за патеката (како до водопадот), информираност за биолошката разновидност и природните карактеристики за локалитетот;
  • Подигање на видиковец кај самиот Водопад со кој ќе се овозможи можност за едукација на различни категории на заинтересирани страни (ученици, студенти, туристи итн.) да дојдат и на лице место да го посетат;
  • Изработка на клупи и корпи за отпадоци кој ќе бидат распоредени во делот околу водопадот;
  • Изработка на веб страна, информативен материјал - постери и флаери, одржување на промотивни средби со различни категории на посетители (наставници по биологија од основните и средните училишта со нивните ученици, претставници на локалната самоуправа, спортски друштва, туристички агенции од регионот и пошироко);
  • Работилница со учениците од Културно уметничкото друштво при домот за културата Кочани кој ќе го отсликуваат амбиентот и природата кај водопадот, едукативна средба со спортските клубови со цел како да го користат капацитетот рекреативно преку пешачење, футинг, велосипедизам по ридско планински предел итн.

 

За Проектот

Галерија

Локација

Општина Кочани

За страната